4 места без кои вашето патување во Виена нема да биде целосно
БЛОГ
Со богата култура, многубројни историски знаменитости и зачудувачка архитектура, Виена претставува исклучително наследство на познати музичари, уметници, поети и архитекти. Поставен благодатно на источните брегови на реката Дунав, главниот град на Австрија е полн со блескави палати, барокни замоци и збирка од музеи и споменици што треба да се истражуваат. Без разлика дали барате места за посета во еден или пак во повеќе денови, овој елегантен град нуди голем избор на туристички атракции.
Затоа, ослободете си малку време и погледнете ја оваа листа на места кои вредат да се посетат при вашето следното патување во Виена.
1.Катедралата Свети Стефан
Катедралата Свети Стефан е едно од најпрепознатливите обележја во Виена. Импресивната готска црква датира од 1300-тите години и забележала многу промени низ годините. Највисоката кула достигнува висина од 136 метри. Разнобојниот покрив со мозаик од двоглав орел е впечатлива и симболична карактеристика за Хабсбуршката империја. Внатре има неколку капели посветени на различни светци, статуи, религиозна уметност и впечатлива готска говорница. Со искачување на 343 скалила кои водат до еден од врвовите на кулата, може да се ужива во прекрасниот поглед на градот. Интересни се и многуте музички настани кои се случуваат токму овде. При посета на јужната кула потребна е голема внимателност бидејќи за брзо време таа станува преполна, а скалите се прилично тесни.
2.Паркот Пратер
Пратер е голем јавен парк во Леополдштат – една од најпознатите населби во Виена. Полн со зеленило низ целата главна патека, паркот е одлично место за уживање во природата и релаксирање на отворено. Во склоп на ова место има и забавен парк кој е еден од најстарите забавни паркови во целиот свет. Паркот има и планетариум, музеј, продавници, ресторани и разни други атракции. Посетата на паркот не се наплаќа, па можете слободно да уживате во неговите убавини. Приемот во забавниот парк е исто така бесплатен – посетителите единствено плаќаат за возењата кои што сакаат да ги искусат. Највозбудлив туристички симбол на градот е Пратеровото панорамско тркало кое што овозможува прекрасен поглед на целиот град уште од 1896 година. Во овој огромен парк има место за најразлични активности – од простор за јавање коњи, до пливање во базен на стадионот, возење велосипед, играње тенис, фудбал…
3.Дворецот Белведере
Овој дворец претставува вистински сплет на архитектура и уметност поврзани на уникатен начин. Како составен дел од историската сцена на Виена, комплексот Белведере се состои од две барокни палати (Горен и Долен Белведере), оранжерија и коњушница. Се наоѓа во барокниот парк, во третата област на Виена, југоисточно од центарот на градот и првично бил подигнат како летна резиденција на принцот Еуген Савојски. При посета на раскошните соби со бројни скулптури и тавански фрески, ќе доживеете повеќе од 800 години уметност. Денес, комплексот Белведере е претворен во музеј кој е еден од водечките во целиот свет. Познатата уметничка галерија вклучува дела од средниот век, па сѐ до денес. Главно обележје е најголемата светска колекција на ремек-дела на Густав Климт, а најпосетена е неговата слика „Бакнеж“.
Улицата Картнерштрасе
Сместена во срцето на градот, Картнерштрасе е пешачка улица која е секогаш преполна поради големиот број места за шопинг. Таа била популарно трговско подрачје за време на владеењето на Хабсбурговците, со префинети продавници со долги традиции што останале до денес. Голем дел од зградите датираат од 17-ти и 18-ти век и имаат извонредни архитектонски детали. Од големи продавници до мали модни бутици, целата улица ја градат познати брендови и елегантни ресторани и кафулиња. Како задолжително место за посета во Виена, Картнерштрасе нуди нешто посебно за секој посетител.